Преку мрежата на Комерцијална банка можете да купите удели во некој од инвестициските фондови со кои управува КБ Инвест АД Скопје. 

Преку инвестициските фондови средствата на инвеститорите се здружуваат и се инвестираат на пазари на кои секој инвеститор поединечно не би можел да вложува, а се користат и знаењето и техниките на Друштвото за управување.

Сопственици на удели можат да бидат домашни и странски инвеститори. Единствено ограничување е минималниот износ на почетното вложување, кој за сите фондови изнесува само 1.000 денари.

Удели може да се купат во следните фондови:

Отворен инвестициски фонд КБ ИНВЕСТ - ПАРИЧЕН

Овој фонд првенствено е наменет за вложувачи со инвестициски хоризонт на краток рок, односно до 1 година, и низок степен на толеранција кон ризикот. Порастот на вредноста на имотот кај овој фонд е бавен, континуиран, а осцилациите на вредноста практично не постојат.

КБ ИНВЕСТ - ПАРИЧЕН вложува во депозити на банки во РСМ, инструменти на пазарот на пари и должнички хартии од вредност од најбонитетни издавачи. Целта е да се заштити вложувањето од пазарните осцилации и да се осигура инстантна ликвидност придружена со стабилен принос. 

Отворен инвестициски фонд КБ ИНВЕСТ – ОБВРЗНИЦИ

Овој фонд првенствено е наменет за вложувачи со инвестициски хоризонт на среден рок, односно над 1 година, и низок до среден степен на толеранција кон ризикот. Порастот на вредноста на имотот кај овој фонд е побавен, континуиран, а осцилациите на вредноста најчесто се многу ниски.

КБ ИНВЕСТ – ОБВРЗНИЦИ вложува во депозити на банки во РСМ, инструменти на пазарот на пари и во државни и корпоративни обврзници деноминирани во странски валути.

Отворен инвестициски фонд КБ ИНВЕСТ – БАЛАНСИРАН

Овој фонд првенствено е наменет за вложувачи со инвестициски хоризонт на подолг рок, односно над 2 години, и умерен степен на толеранција кон ризикот. 

КБ ИНВЕСТ – БАЛАНСИРАН по своите карактеристики претставува спој на вложувања во акции и во обврзници (50/50). Наменет е за инвеститори што сакаат да остварат повисок принос преку делот од вложените средства на фондот во акции, но истовремено и да обезбедат стабилност и сигурност на вложените средства во фондот преку вложувањата во долгорочни должнички хартии од вредност.

Отворен инвестициски фонд КБ ИНВЕСТ – МБИ 10

Овој фонд првенствено е наменет за вложувачи со инвестициски хоризонт на долг рок, односно над 2-3 години, и висок степен на толеранција кон ризикот.

КБ ИНВЕСТ – МБИ 10 има за цел реплицирање на македонскиот берзански индекс МБИ 10. Тоа значи дека најголемо учество во имотот на фондот имаат десетте најликвидни акции на Македонската берза и истиот претставува показател на берзанските движења во РСМ.

Отворен инвестициски фонд КБ ИНВЕСТ – АКЦИИ

Овој фонд првенствено е наменет за вложувачи со инвестициски хоризонт на долг рок, односно над 2-3 години, и висок степен на толеранција кон ризикот.

КБ ИНВЕСТ – АКЦИИ вложува исклучиво во акции на странски компании и има за цел да обезбеди широка диверзификација на вложувањата по земји, сектори и валути. Портфолиото на акциите во фондот е поделено на три различни географски региони и тоа САД, ЕУ и растечки пазари.

Отворен инвестициски фонд КБ ИНВЕСТ – ЗЛАТЕН

Овој фонд првенствено е наменет за вложувачи со инвестициски хоризонт на долг рок, односно над 2-3 години, и висок степен на толеранција кон ризикот.

КБ ИНВЕСТ – ЗЛАТЕН вложува во акции на странски компании кои се прозводители на злато и благородни метали и има за цел да обезбеди заштита од девалвација, инфлација или дефлација. Благородните метали и нивната употребна вредност имаат способност да ја задржат реалната вредност и можат да обезбедат висока заштита на вложувањата, особено во услови на зголемена економска неизвесност.

Начин на пристапување кон фондовите

Пристапувањето кон фондовите е брзо и лесно и се врши со пополнување Пристапница и Барање за купување удели во избраниот фонд.

Притоа, физичко лице треба да се легитимира со важечки документ за лична идентификација, лична карта или пасош, а правно лице треба да достави веродостоен документ согласно законските прописи, односно Тековна состојба од Централниот регистар не постара од 3 месеци или друг документ од надлежен орган.

Ако при пополнување на Пристапницата и Барањето, клиентот, физичко или правно лице, се претставува преку полномошник, кон Пристапницата и Барањето полномошникот треба да приложи и нотарски заверено полномошно кое треба да содржи изречно овластување за купување удели, копија од документот за лична идентификација на сопственикот, лична карта или пасош, заверена на нотар, и документ за лична идентификација на овластеното лице, застапникот.

Вредност на уделот

Клиентите купуваат удели во Фондот според вредноста на поединечниот удел на денот на купување. 

Уделите може да се купат во дел од филијалите и експозитурите на Банката.

За подетални информации можете да ја посетите веб-страницата на КБ Инвест АД Скопје.