За Комерцијална банка општествената одговорност претставува индивидуална и колективна заложба за остварување долгорочен одржлив напредок и развој на општеството.
Општествената одговорност секоја година се надградува со нов придонес и нови предизвици, кои придонесуваат Банката да биде признаена и прифатена во општеството како одговорен деловен субјект.
Ние сакаме општеството и економијата да просперираат. Затоа нашата корпоративна општествената одговорност вклучува посветеност за придонес кон економска, еколошка и социјална одржливост на заедницата преку постојана интеракција со засегнатите страни, активна партиципација во заедниците кои се под влијание на Банката и јавно известување за политиките и резултатите на Банката во економската, еколошката и социјалната област. Општествената одговорност во Комерцијална банка е усвоена како современ концепт кој подразбира водење сметка не само за профитот, туку и за општестената корисност од дејствувањето.
Поистоветувајќи го напредокот на општеството во целина со својот сопствен прогрес, Комерцијална банка е посветена на делување во насока на поддршка на повисоките општествени цели и благосостојбата, како и на свој активен придонес кон нивното остварување. Ваквиот став подразбира приод кон работењето кој ги надминува традиционалните сфаќања за грижа за основната дејност и законските обврски и е насочен кон идентификација на групите кои се под влијание и кои влијаат на нејзините одлуки (засегнатите страни), изнаоѓање подрачја на зеднички интерес, антиципирање на промените и соодветно дејствување.
Корпоративната општествена одговорност на Комерцијална банка е во согласност со Десетте принципи на Глобалниот договор на Обединетите нации, насоките од Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата за Република Северна Македонија, а ги следи и позитивните примери од домашната и од светската пракса.
Преку учество во разни иницијативи и дебати, Банката се залага за генерално унапредување на климата за корпоративна и индивидуална општествена одговорност и унапредување на улогата на деловните субјекти во градењето подобра иднина за нашето општество.
Комерцијална банка е горда на својата богата традиција на одговорна компанија, која е длабоко поврзана со своето општество и е секогаш подготвена да споделува и да ги инспирира оние кои имаат волја да се приклучат кон оваа кауза.
Стратегиски пристап
Водејќи се од определбата за систематско дејствување и целосна усогласеност со промените во комплексното опкружување, Комерцијална банка разви Стратегија за корпоративна општествена одговорност, која ќе го води работењето на ова поле во периодот од 2022 до 2026 година.
Стратегија за општествена одговорност 2022 - 2026
Стратегијата ги формализира целите, активностите и насоките на дејствување и управување со општествено одговорните активности на Банката. Таа е моделирана на начин кој соодветно ги опфаќа Десетте принципи на Глобалниот договор на Обединетите нации во однос на постојните и на предвидените случувања кои влијаат на работењето на Банката и на потребите на нејзините засегнати страни. Намерата на овој систематски пристап е темелно и проактивно да се соочиме со предизвиците во нашето општество, но и да ги инспирираме другите да ја следат нашата посветеност.
Дејствувањето на Банката ги зема предвид потребите и односите со сите засегнати страни: вработените, акционерите, клиентите, добавувачите, конкурентите, заедницата и животната средина. Оттаму, чекорите и приоритетите во делот на општествената одговорност се дефинираат на начин кој ќе овозможи балансиран приод кон сите засегнати страни.
Мерките и активностите преку кои Банката го реализира своето општествено одговорно однесување се:
Спонзорства и донации - Банката обезбедува финансиски или материјални средства и услуги за поддршка на поединци, организации или настани кои се од значење за развој на заедницата и за подобрување на квалитетот на животот на целокупното општество.
Едукација – пренесување на специфичните знаења и вештини на вработените на Банката на одредени целни групи, на теми од суштинско значење за нивното образование, идно вработување и градење здрави финансиски навики.
Волонтерство – вработените на Банката со свои активности придонесуваат и покажуваат голем ентузијазам и висока свест за општествено делување кое треба да донесе корист или помош за други луѓе и за целата заедница.
Работни процеси – одлуките на органите на Банката и целокупното работење се насочени кон намалена потрошувачка на енергија, користење „чисти“ извори на енергија, рециклирање материјали, унапредување на работните процеси и постојана грижа и обука на вработените.
Во организациската структура на Банката функционира и Координативно тело за општествена одговорност, чија главна задача е инволвирање на сите организациони делови на Банката во планирањето и извршувањето на активностите поврзани со општествената одговорност. Со тоа, Координативното тело настојува идеите и принципите на општествената одговорност да бидат пренесени и прифатени од сите вработени на Банката.